U fokusu

Премии како мерки за поддршка за инвеститори во проектите за обновливи извори на енергија во Северна Македонија

Александар-Јосимовски-и-Ана-Божарова-CMS

Objavljeno

25.03.2019.

Komentari

comments icon

0

Podeli

Objavljeno

25.03.2019.

Komentari

comments icon

0

Podeli

Автори: Александар Јосимовски и Ана Божарова, адвокати ангажирани од Petrikic & Partneri AOD во соработка со CMS Reich-Rohrwig Hainz Rechtsanwälte GmbH

Енергетскиот пазарот на Северна Македонија е моментално еден од најпривлечните пазари за инвестирање во обновливи извори на енергија во Централна и Источна Европа. Институционалните инвеститори и финансиерите покажаа голем интерес во развој на нови проекти, додека Владата објави доделување тендери за капацитети од големи размери. Со оглед на недостатокот на започнати проекти за обновливи извори на енергија, се очекува овој пазар да се развива се поинтензивно. Во однос на регулативата за обновливи извори на енергија, државата го хармонизираше Законот за енергетика со европското законодавство, но потребните подзаконски акти кои овозможуваат целосна имплементација се уште се во процес на усвојување. Меѓу најзначајните новини усвоени со неодамнешните измени се премиите, што сега може да се користат како алтернатива на традицоналните повластени тарифи.

Закон за енергетика и мерки за поддршка за обновливи извори на енергија

Собранието на Северна Македонија го усвои новиот Закон за енергетика во мај 2018 година („Закон за енергетика“), со што го хармонизираше енергетското законодавство на Северна Македонија со Третиот енергетски пакет на ЕУ (Third Energy Package).

Овој Закон за енергетика ги воведе премиите („Премии“), заедно со веќе постоечките повластени тарифи („Повластени тарифи“), како мерки за поддршка на производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Проектите кои се однесуваат на обновливи извори на енергија како регулирана материја во законодавството на Северна Македонија, се уредени со Законот за енергетика и неговите подзаконски акти.

Законот за енергетика врши усогласување на македонското законодавство со Третиот енергетски пакет на ЕУ, вклучувајќи ги меѓу останатите Директивата 2009/72/ЕС за заедничките правила за внатрешен пазар на електрична енергија, Регулативата 714/2009 за условите за пристап на мрежите за прекугранична размена на електрична енергија, Директивата 2005/89/ЕС за мерките со кои се обезбедува сигурност во снабдувањето со електрична енергија и инвестиции во инфраструктурата, Директивата 2009/28/ЕС за промоција на користењето на енергија од обновливи извори и Регулативата 543/2013 за поднесување и објавување на податоци за пазарот на електрична енергија.

Во врска со обновливите извори на енергија („ОИЕ“), Законот за енергетика помеѓу другото ги регулира мерките за поддршка на производители на електрична енергија кои користат ОИЕ и можноста за инвеститорите да добијат статус на повластен производител на електрична енергија. Како новина, повластените производители на електрична енергија може да добијат право да користат Премии, покрај претходно постоечката можност да користат Повластени тарифи како мерки за поддршка.

Во февруари 2019 година, Владата на Северна Македонија ја усвои Уредбата за мерките за поддршка на производство на електрична енергија од ОИЕ („Уредба“), која ги регулира условите и начинот за добивање/одредување на Премиите и Повластените тарифи.

Правила во врска со користење Повластени тарифи и Премии

Согласно Уредбата, Повластените тарифи се доделуваат на повластен производител на електрична енергија од хидро електроцентрала, ветерна електроцентрала, термоелектроцентрала на биомаса и термоелектроцентрала на биогас. Премиите се доделуваат само на повластен производител на електрична енергија од ветерна електроцентрала и фотонапонска електроцентрала.

За да бидат доделени Повластени тарифи, максималната инсталирана моќност на екетроцентралата на производителот не смее да надминува:

  • 10 MW за хидро електроцентрала;
  • 50 MW за ветерна електроцентрала; и
  • 1 MW за термоелектроцентрала на биомаса и термоелектроцентрала на биогас.

На пример, износот на моментално применливите Повластени тарифи за ветерни електроцентрали изнесува 8.9 €¢/kWh, додека пак за хидро електроцентрали изнесува од 4.5 €¢/kWh до 12 €¢/kWh (во зависност од месечната количина на испорачана електрична енергија).

Со цел производителот да го стекне статусот на повластен производител на електрична енергија на кој би му била доделена Премија, максималната инсталирана моќност на екетроцентралата не смее да надминува:

  • 50 MW за ветерна електроцентрала; и
  • 30 MW за фотонапонска електроцентрала.

Премиите ќе бидат доделени во тендерска постапка преку електронска аукција, каде што критериум за избор ќе биде најниско понудениот износ на фиксна премија. Фиксната премија ќе биде доделена како дополнителен фиксен износ на цената која што производителот ја постигнал преку продажба на секој произведен kWh на пазарот на големопродажба на електрична енергија.

Условите за доделување на Премија ќе зависат од неколку фактори (пр. правото да користи земјиште, сопственост врз земјиште, итн.) и понудувачите ќе мора да поднесат документација за исполнување на условите, вклучувајќи и гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите.

Национален Акционен план за ОИЕ на пазарот на енергетика во Северна Македонија

Во ноември 2015 година, Владата го усвои Акциониот план за ОИЕ што се однесува на периодот до 2025 година, со визија до 2030 година („Акционен план“). Акциониот план ја регулира проекцијата за придонесот на ОИЕ во бруто финалната потрошувачка на електрична енергија во годините 2020-2025-2030.

Сценариото се основа на фактот дека идниот развој на производството на електрична енергија од хидро електроцентрали е релативно предвидлив, и покрај тоа што истиот е ограничен со очигледен и добро познат технички и економски хидропотенцијал. Неговиот иден развој зависи од значајни инвестиции кои неизбежно бараат стратешко партнерство со странски инвеститори или финансирање од меѓународни институции.

Уделот на ОИЕ во бруто финалната потрошувачка на енергија кој може да се постигне врз основа на ова сценарио изнесува 21,01% во 2020 година, 25% во 2025. година и 28% во 2030 година. Придонесот од хидро електроцентрали изнесува 158 ktoe во 2020 година, 228 ktoe во 2025 година и 288 ktoe во 2030 година, од ветерни електроцентрали изнесува до 9 ktoe во 2020 година, 26 ktoe во 2025 година и 53 ktoe во 2030 година, и од фотонапонски електроцентрали изнесува до 3 ktoe во 2020 година, 4 ktoe во 2025 година и 11 ktoe во 2030 година.

Заклучок

Главната цел на реформите во енергетскиот сектор на Северна Македонија е да се осигура порастот на инвестиции во проекти од ОИЕ и да се достигнат националните таргети на удел на ОИЕ во бруто финалната потрошувачка.

Сепак, ограничувањата наметнати на одредени извори  како ветер, сонце, биомаса и биогас ја спречуваат државата да го достигне таргетот до 2020 година.

Дополнително, со оглед на тоа дека Премиите беа неодамна воведени во енергетскиот пазар на Северна Македонија, во пракса тие се уште не се доделени на инвеститорите. Имајќи го ова во предвид, функционирањето на Премиите на пазарот ќе ја покаже ефикасноста и конкурентноста на овој механизам.

Со оглед на фактот дека Законот за енергетика беше неодамна усвоен, некои од најважните подзаконски акти (пр. Правилникот за ОИЕ) релевантни за проектите од ОИЕ се уште не се изменети и нивната измена се очекува во блиска иднина.

Правилникот од ОИЕ треба да ја регулира можноста за изградба на објекти за производство на електрична енергија од ОИЕ каде што произведената електрична енергија ќе биде користена за сопствена потрошувачка, додека пак остатокот од електричната енергија ќе биде пренесуван на мрежата за дистрибуција (т.н. концепт на ‘производител-потрошувач’). Моментално применливиот Правилник за ОИЕ е усвоен во 2011 година, па неговата измена е неопходна земајќи ги во предвид измените на основниот закон.

Komentara: (0)

Budite prvi i ostavite komentar na ovaj članak.

Unesite vaš komentar
Molimo sačekajte... Molimo vas popunite obavezna polja Dogodila se greška, osvežite stranu pa probajte ponovo. Vaš komentar je uspešno poslat na moderaciju.

Slični članci

Zvanicnici elektroenergetskog solarne elektrane Albaniji GIZ dekarbonizaciju

Zvaničnici iz elektroenergetskog sektora posetili napredne solarne elektrane u Albaniji u okviru GIZ-ovog projekta za dekarbonizaciju

25. mart 2019. - GIZ je organizovao posetu Albaniji i prezentacije za zapadnobalkanska ministarstva energetike, operatore elektrodistributivnih sistema i regulatore

hrvatska hep lokacije vetroelektrane natjecaj

HEP traži lokacije za vetroparkove i projekte za preuzimanje

25. mart 2019. - Hrvatska elektroprivreda istražiće preostali potencijal za izgradnju vetroelektrana i mogućnost za instalaciju u blizini hidroelektrana

esm kfw bogdanci bitola solar uncev

ESM dobio kredit i donaciju za tri solarne elektrane i proširenje vetroparka Bogdanci

25. mart 2019. - Solarne elektrane biće izgrađene u okviru rudarsko-energetskih kompleksa Bitola i Oslomej, koji se sastoje od termoelektrana i rudnika uglja

hrvatska subvencije bih zupanije klimatske promene javni poziv

Hrvatska daje subvencije za borbu protiv klimatskih promena u BiH

25. mart 2019. - Ministarstvo zaštite okoliša i zelene tranzicije raspisalo je poziv za dodelu subvencija lokalnim samoupravama i javnim ustanovama